АПТЕКИТЕ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ТРЕТИРААТ КАКО ТРГОВСКИ ОБЈЕКТИ
Фармацевтската професија е регулирана со закон и претпоставува, не само издавање лекови пропишани на рецепт од соодветен лекар, туку и стручни совети за примена на терапијата
Аптеките се здравствени установи на примарно ниво и во никој случај не смее да се третираат како трговски објекти, бидејќи нивната дејност е фармацевтска здравствена дејност, која е дел од здравствената дејност и е од јавен интерес. Фармацевтската професија е регулирана со закон и нејзини носители може да бидат единствено лиценцирани стручни лица-фармацевти, со завршено високо образование, со лиценца за работа, која се обновува на секои седум години, под услови пропишани со закон и за чие добивање е неопходна претходна пробна работа и положен стручен испит.Ова се вели во писмото што Фармацевтската комора на Република Северна Македонија го упати до министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, во кое дава безрезервна поддршка на Здружението на приватни аптеки на Република Северна Македонија. ЗПАРСМ, најкатегорично бара изземање на приватните здравствени установи-аптеки од примената на одредбите во новиот Правилник за начинот на објавување на цените и стоките на веб страниците, што треба да ги изготвуваат и ажурираат трговските објекти, вклучително и аптеките.
Во дописот на Комората до министерот Дурмиши,се вели дека фармацевтската професија е регулирана со закон и дека таа претпоставува не само издавање лекови, пропишани на рецепт од соодветен лекар, туку и стручни совети за примена на терапијата и едукација, што, во никој случај, не може да се подведе под трговска дејност, односно да се третира како „трговија на мало со фармацевтски производи“.
Токму овие аспекти се содржани во приговорот што Здружението на приватни аптеки на Република Северна Македонија го упати до Министерството за економија и труд,како предлагач на новиот Правилник за начинот на објавување на цените на стоките, во кој аптеките се третираат како обични трговци.
ЗПАРСМ во приговорот до надлежното министерство е категорично дека обврската на аптеките цените на сите производи да ги објавуваат на нивните веб страници, не соодветствува со нивната здравствена функција и создава дополнителен административен товар што го одвлекува стручниот кадар од основната дејност-грижа за пациентите. Здружението на приватни аптеки, во дописот до Министерството за економија и труд, изразува несогласување со новата шифра на дејност со која фармацевтската дејност се поистоветува со обична трговија и бара да се врати старата шифра , под која се водеа аптеките и која ја рефлектира спецификата на фармацевтската дејност.
Безрезервна поддршка на приговорот на ЗПАРСМ, до првите луѓе на министерствата за економија и труд Дурмиши и за здравство Арбен Таравари, упати и Кризниот штаб на фармацевтската фела, составен од Фармацевтската комора на РСМ, фармацевтските факултети при универзитетите во Скопје, Штип и Тетово, МАЛМЕД, Здружението на албански фармацевти и Здружението на приватни аптеки на РСМ. Кризниот штаб потенцира дека, согласно Законот за здравствена заштита, аптеките не се класични трговски објекти, туку претставуваат дел од здравствениот систем на ниво на примарната здравствена заштита. Фармацевтската фела нагласува дека во аптеките работат лиценцирани здравствени работници- магистри по фармација и фармацевтски техничари кои извршуваат строго контролирана здравствена дејност што е под надзор на Министерството за здравство, Малмед и на Фармацевтската комора. Поради сето ова, неопходно е државата да направи разграничување меѓу трговските објекти и аптеките кои треба да бидат ослободени од суштинското влијание на трговските закони, по примерот на развиените западноевропски држави и земјите од регионот.
Сите овие наводи, членовите на кризниот штаб, ги изнесоа на средбата со министерот за економија Бесим Дурмиши, кој изрази разбирање за изнесените аргументи со уверување дека приговорот и барањето се издржани и дека ќе се пристапи кон нивно разгледување и решавање во најкус можен рок.
Своите ставови, членовите на кризниот штаб, ги повторија и на средбата со министерот за здравство Арбен Таравари од кого, исто така, побараа поддршка за нивните барања.Претставници на фармацевтската фела, која оствари средби со ресорните министери, беа Џоана Андоноска, Весна Ставрова, Зоран Стерјев, Мерлинд Беџети, Билјана Божиновска и Марија Фидановска.